Четирикратниот олимписки шампион, Мо Фара во вторникот беше специјален гостин во Бакингемската палата, каде што беше прогласен за витез на Британската Империја од страна на кралицата Елизабета втора.
Фара, кој во кариерата освои злато на 5.000 и 10.000 метри на Олимпијадите во Лондон во 2012 и во Рио во 2016 година, вели дека никогаш не помислил дека ќе добие ваква почест.
„Со текот на годините нормално очекуваш да направиш нешто со својата кариера и да станеш олимписки шампион. Но, од осумгодишно момче кое дојде од Сомалија и не знаеше ниту еден збор англиски до ова денес е нешто навистина неверојатно“, вели Фара.
Специјалистот за долги патеки исто така откри што го прашала кралицата.
„Таа ме праша дали сум пензиониран бидејќи трчам подолго време, но јас и објаснив дека ќе трчам на маратоните, како во Лондон. Таа изјави дека тоа е прекрасно“, открива Фара.