Данил Медведев на совршен начин стави крај на сезоната, која како конечно да најави преземање на тенисот од новата генерација, совладувајќи го во одличен меч, Доминик Тим со 4:6/7:6(2)/6:4 за освојување на титулата од елитниот завршен турнир од сезоната, АТП финалето во Лондон.
Двајцата тенисери стигнаа до пресметката за титулата победувајќи двајца тенисери кои доминираа во последните децении – Новак Ѓоковиќ и Рафаел Надал, и фановите имаа шанса да видат како ќе изгледа блиската иднина на тенисот.
Тим, кој веќе се етаблираше со својата прва гренд слем титула во кариерата на САД опен оваа сезона, започна одлично и со брејк дојде до првиот сет, по што имаше епска битка во вториот сет, во која Медведев покажа повеќе нерви во тај-брејкот. Русинот стигна до третиот сет со еден освоен брејк.
Ова беше неверојатен 10-ти меч во низа кој го добива Медведев, откако на финалето во Лондон не загуби ниту еден меч и ги совлада Ѓоковиќ и Надал на патот до финалето. За 24-годишниот Русин ова е деветта титула во кариерата, во која освои три Мастерс 1000 титули и уште го чека гренд слем успехот – засега најголемо остварување му е финалето на САД опен минатата година, кога загуби од Надал.