Top Sport

Незапирливата Мики Шифрин повторно е снежна кралица (видео)

Микаела Шифрин стигна до неверојатната седма победа во новата сезона од Светскиот куп во алпско скијање, откако ја заддржа огромната предност од првото возење за по третпат да стане „снежна кралица“ со триумфот на Сљеме, покрај Загреб.

Шифрин по две возења на патеката „Црвен спуст“ имаше време од 1:53.07, за дури 1.59 секунди подобро од Швајцарката Венди Холденер и 2.11 секунди пред Швеѓанката Фрида Хансдотер. Топ 5 ги комплетираа Петра Влхова од Словачка и Бернадете Шилд од Австрија. Шифрин победуваше во Загреб во 2013 и 2015 година.

Ова е 28. победа во слалом и 38. победа од Светскиот куп за 22-годишната Шифрин и дури седма оваа година – таа претходно победи на слаломите во Килингтон и Лиенц, во велеслаломот во Куршевел, ја оствари првата спусташка победа во Лејк Луис, а триумфираше и на два паралелни слаломи во Куршевел и во Осло на Нова Година.

Шифрин веќе ја надмина границата од 1.000 поени во одбраната на Светскиот куп со 1.081 и има предност од неверојатни 571 поени пред Германката Викторија Ребензбург. Со титулата од СК речиси обезбедена во јануари, Шифрин сега ќе може да се фокусира на настапот на Олимпијадата во Пјеонгчанг во февруари, каде што ќе го брани златниот медал во слалом од Сочи 2014 година.

Scroll to Top