Top Sport

Нишикори ги преживеа „бомбите“ на Карловиќ, Раониќ го доби Вавринка (Видео)

Кеи Нишикори ја преживеа „канонадата“ на Иво Карловиќ и во најдраматичниот меч во досегашниот тек на Гренд-слемот во Мелбурн, избори пласман во третото коло. Јапонецот и 40-годишниот Хрват одиграа пет сета, а Нишикори го доби супер тај-брејкот со 10:7.

Нишикори одлично го започна мечот и поведе со 2:0 во сетови, откако првиот сет го доби со 6:3, а вториот со 7:6.

Меѓутоа Карловиќ не се предаде и успеа да израмни на 2:2 во сетови. Третиот и четвртиот сет ветеранот ги доби со 7:5.

Драмата кулминираше во решавачкиот сет, а Нишикори си го трасираше патот до победата кога во деветтиот гем успеа да спаси три врзани брејк топки.

Карловиќ во овој меч 124 пати излезе на мрежа, а имаше 59 ас сервиси.

„Сервираше 60 ас удари? Тоа е еднакво на мојот број на ас сервиси во текот на една година“, рекол Нишикори по мечот.

Јапонецот во третата рунда ќе игра против Жоао Соуса кој исто така во пет сета го порази Филип Колшрајгбер.

Интересен меч одиграа и тенисерите што некогаш беа во Топ 10 во светот, Милош Раониќ и Стан Вавринка. Победата му припадна на тенисерот од Канада. Интересно четирите сета беа решени во тај-брејк, а најнеизвесен беше третиот кој Раониќ го доби 13:11.

Првиот сет го освои Вавринка, а наредните три му припаднаа на Раониќ.

Максимални победи во второто коло забележаа Карењо-Буста против Белорусот Ивашка, Чориќ против Унгарецот Фучович и Фоњини против Аргентинецот Мајер.

Scroll to Top