Помпезно најавуваната „Битка за Британија“, во тешка категорија, нема да се случи. Тајсон Фјури, актуелниот светски шампион во верзијата ВБЦ, објави дека нема да се бори против Ентони Џошуа.
На „Инстаграм“, Фјури, потврди дека мечот нема да се одржи, бидејќи Џошуа не го испочитувал рокот до кога требаше да го потпише договорот. Мечот требаше да се случи во Кардиф на 3.декември.
Претходно во саботата, Фјури им даде рок од два дена на Џошуа и неговиот тим да ги прифатат неговите услови или борбата нема да се одржи.
„Сега е официјално. Денот Д дојде и помина. Нема ништо од борбата против Џошуа. Заборавете“, напиша Фјури.
Последната борба на Фјури беше во април кога го победи Дилијан Вајт во шест рунди. Тој по тој меч најави пензионирање, но се предомисли и сакаше да му даде можност на Џошуа, кој два пати беше поразен од Александар Усик за титулата светски првак во преостанатите три верзии.