Top Sport

Ноа Лајлс стигна до трет златен медал на СП во атлетика, Дуплантис супериорен во скок со стап

Ноа Лајлс стопроцентно ја исполни целта со која пристигна на Светското првенство во атлетика во Будимпешта. Тој освои три златни медали. По освојувањето на индивидуалните титули на 100 метри и 200 метри, трикратниот светски шампион вечерва го освои својот трет златен медал со штафетниот тим на САД составен од Кристијан Колман, Фред Керли, Брендон Карнес и Ноа Лајлс. Тие победија во трката на 4×100 метри со најдобар резултат во сезоната, 37.38 секунди.

Сребрените медали им припаднаа на олимписките шампиони од Токио, спринтерите на Италија. На втората позиција се најдоа Роберто Ригали, Ламонт Џејкобс, Лоренцо Пата и Филипо Торту со 37,62 секунди. Спринтерите од Јамајка Аким Блејк, Облик Севил, Рим Форде и Рохан Вотсон ја освоија бронзата со 37,76 секунди.

Штафетните победи на САД ги заокружија и спринтерките. Тие исто така го освоија златниот медал, пред штафетата на Јамајка.

Арманд Дуплантис има само 23 години, но дефинитивно станува еден од најголемите спортисти во историјата во скок со стап . Швеѓанецот ја освои втората по ред светска титула на отворено, откако вечерва победи на СП во Будимпешта со 6,10 метри.

Светскиот рекордер во сала и на отворено се обиде и со нов светски рекорд на 6,23 метри, но на крајот не успеа. Тоа беше негов трет медал на светското првенство на отворено по среброто во Доха во 2019 година и златото во Орегон минатата година.

 

Scroll to Top