Top Sport

Норвежаните и Германките „златни“ во тимскиот спринт

На Зимските олимписки игри во Пекинг, во нордиските дисциплини, денес се одржаа финалните спринт трки во крос-кантри. Норвежаните ја оправдаа фаворитската улога во машка конкуренција, додека кај дамите сензационална победа забележаа Германките.

Норвежаните Јоханес Клебо и Ерик Валнес, според планот го освоија златниот медал. Клебо го освои второто, а Валнес првото злато на овие Олимписки игри.

Клебо и Валнес во целта имаа време 19:22.99 минути. Тие за нешто помалку од три секунди беа побрзи од Финците, Иво Нисканен и Јани Маки.

Бронзата ја освоија Русите, Александар Бољшунов и Александар Тарентев.

Кај дамите, Германија по пауза од 12 години освои злато во оваа дисциплина. Катарина Хенинг и Викторија Карл ги изненадија конкурентките. Победија со време 22:09.85 минути.

Траката на второто место ја завршија Швеѓанките Маја Дахквист и Јона Сундлинг. Тие задоцнија за само 0.17 секунди. Бронзата како и во машка конкуренција ја освои Русија. Јулија Ступак и Наталија Непријаева задоцнија за 0,71 секунда.

Натпреварите во крос кантри на ЗОИ во Пекинг ќе завршат во сабота, кога на програмата ќе бидат маратонските трки, на 30 километри во женска и 50 километри во машка конкуренција.

Scroll to Top