Top Sport

Новак Ѓоковиќ го освои Вимблдон

Новак Ѓоковиќ го порази Кевин Андерсон и ја освои четвртата титула на најпрестижниот турнир во светот на тенисот, Вимблдон. Србинот за два часа и 20 минути го победи Андерсон со 6:2, 6:2, 7:6.

Ѓоковиќ по нешто повеќе од две години освои гренд слем трофеј, 13.во кариерата, четврти на терените на „Олд Ингланд клубот“. Повеќе титули од Ѓоковиќ на Вимблдон имаат само Федерер (осум), Сампрас (7) и Борг (5).

Србинот, по драматичната победа над Надал во претходната рунда, потврди дека се враќа во формата од 2015 и 2016 година.

Ѓоковиќ, во финалето, максимално ја искористи истрошеноста на Андерсон, кој во четврт-финалето играше пет часа против Федерер, а во полу-финалето речиси седум часа против Изнер.

foto: epa

Исто така, Ѓоковиќ, го покажа и искуството што го има кога се во прашање ваквите натпревари. Мечот го започна со брек, веднаш ја презеде контролата врз играта, а кога во петтиот гем уште еднаш му го одзеде сервисот на противникот јасно беше Србинот ќе го освои сетот.

Вториот сет беше ист како и првиот, Ѓоковиќ во првиот гем направи брејк, потоа и уште еден и лесно стигна до 2:0.

Достоен отпор Андерсон на Ѓоковиќ му пружи во третиот сет, кој требаше и мораше да го добие.

Јужноафриканецот во третиот сет пропушти четири сет топки, а кога сетот влезе во 13.игра, Ѓоковиќ рутински ја заврши работата.

Ѓоковиќ, од понеделник, ќе се врати меѓу најдобрите десет во светот, а за победат на Вимблдон е награден со 2,5 милиони евра.

Scroll to Top