Top Sport

Новак Ѓоковиќ: Зошто да не навивам за Хрватска?

Новак Ѓоковиќ се најде на удар на дел од српската јавност откако јавно најави дека ќе навива за Хрватска на Светското првенство во фудбал во Русија.

Освојувачот на 12 гренд слем титули изјави дека би сакал Хрватска да го освои Мундијалот, по што се објасни во интервју за српскиот „Телеграф“ дека има право на сопствен став.

„Постојат спортски вредности под кои сите раснеме. Секако, секој се однесува поинаку кон нив и многу е важна средината во која сте израснале, во која живеете и работите, како и влијанието на луѓето кои ве поддржуваат. Тоа се фактори кои влијаат на вашиот однос кон нив, но постојат и некои универзални спортски вредности кои сите ги препознаваме – ферплеј, почит кон противникот, почитување на правилата, посветеност и давањето на максимумот на спортските терени. Спортот зборува со ’универзален јазик’, ги брише границите меѓу луѓето и ги надминува разликите во вероисповед, раса и националност. Затоа, луѓето од сите генерации, а посебно младите гледаат кон спортистите како кон свои идоли“, објаснува Ѓоковиќ.

Ѓоковиќ, сепак, им остава право на другите со различни ставови да се изразат на начин кој го сакаат.

„Секако, не сте секогаш во можност да се однесувате идеални, но јас се трудам да бидам свесен за моите гестови и нивното значење. Во тенисот, односите на спортистите се многу подиректни, нешто што е поинаку во фудбалот и во другите тимски спортови. Секојдневно ги делиме соблекувалните, се подготвуваме еден покрај друг и има почитување и уважување на правото на другиот“, завршува Србинот.

Фото: ЕПА

Scroll to Top