Top Sport

ТдФ: БМЦ со победа на тимската трка на хронометар, Ван Авермет во жолто

Белгиецот Грег ван Авермет е новиот лидер на Тур де Франс, откако неговиот тим БМЦ рејсинг имаше одлична тимска трка на хронометар во должина од 35.5 километри од Ла Венде до Шоле, победувајќи ги фаворизираните Тим Скај и Квик-Степ. Мичелтон-Скот на Адам Јејтс и Тим Санвеб на Том Думулин го комплетираа топ 5.

БМЦ тимот, во кој лидер е Австралиецот Ричи Порти ја комплетираше третата етапа на Тур де Франс со 38:46, за четири секунди пред Тим Скај на четирикратниот шампион Крис Фрум и седум секунди пред Квик-Степ.

Порти и Фрум влегоа во етапата со 51 секунди заостанување зад повеќето ривали во генерален пласман, но се вратија во игра откако Роман Барде (АГ2Р), Винченцо Нибали (Бахреин Мерида) и Ден Мартин (УАЕ Тим Емирати) ја загубија предноста на жешкото сонце во северозападна Франција.

Олимпискиот шампион Ван Авермет сега е носител на лидерската жолта маичка откако тимот на светскиот шампион Петер Саган заврши далеку зад лидерите со 50 секунди заостанување. Ван Авермет е израмнет со времето со својот американски колега Тиџеј ван Гардерен, додека трет е Велшанецот Герант Томас (Скај) со три секунди послабо време.

Од конкурентите за титула во генерален пласман, Том Думулин е највисокопласиран со 11 секунди заостанување. Ригоберто Уран е на 35 секунди, Порти на 51 секунда, Алехандро Валверде и Микел Ланда на 53 секунди, а Фрум на 55 секунди од Ван Авермет.

Scroll to Top