Top Sport

Новак Ѓоковиќ на Ролан Гарос влезе во „вечноста“: Титула број 23 на гренслем турнирите за неверојатниот Србин

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ се запиша во „вечноста“ откако со триумфот на Ролан Гарос ја освои 23. гренслем титула во кариерата. Со тоа стана најдобар тенисер во историјата според бројот на освоени трофеи на престижните четири турнири во светот.

Ѓоковиќ со 3:0 во сетови го победи Каспер Руд и го надмина Рафаел Надал, со кого досега го делеше врвот во оваа категорија.

Србинот го доби првиот сет многу тешко, во тај-брејк, а потоа славеше со 6:3 и со 7:5 во преостанатите два сета од финалната пресметка.

На 36-годишна возраст, по 20 години професионална кариера, Новак Ѓоковиќ го направи тоа што не му успеало на ниеден тенисер во историјата. Тој третпат во кариерата го освои трофејот во Париз и стана првиот што најмалку трипати ги има освоено сите турнири од „Големиот Шлем“.

Од утре, Новак Ѓоковиќ повторно се враќа и на врвот на АТП – листата како светски рекет број еден, пред Карлос Алкараз.

Scroll to Top