Top Sport

Новак, Рафа и Карлос во Ријад: Нереална сума за победникот

Саудиска Арабија продолжува да вложува огромни суми пари во тенисот. Во октомври локалните власти организираат егзибиција на која ќе учествуваат Новак Ѓоковиќ, Рафаел Надал, Карлос Алкараз, Јаник Синер, Данил Медведев и Холгер Руне.

Како што пренесува британски „Телеграф“, популарните играчи ќе добијат по милион и пол долари, само за учество, а победникот ќе добие дури шест милиони долари. Ова е двојно повеќе од сумата што Синер ја доби за победата на Австралија опен.

Станува збор за турнир наречен „Слем на шест кралеви“ кој ќе треба да следи посебен формат, за тенисерите да не бидат казнети од АТП поради прекршување на правилата.

АТП предвидува професионалните тенисери да го загубат статусот доколку учествуваат во егзибициони натпревари три или повеќе последователни дена. Интересно е што оваа регулатива беше донесена само неколку недели порано.

Сепак, Саудијците дојдоа на идеја да го поделат турнирот така што ќе се игра два дена, а потоа следува еднодневна пауза.

И овој спортски настан ќе се одржи во организација на „Генералната управа за забава“, тело предводено од Турки Алалших, советник на саудискиот принц Мухамед бин Салман, кој е и премиер и министер за одбрана на овој богата држава.

Scroll to Top