Top Sport

Нови обвинувања за Фрум, тој вели дека се работи за „фејк њуз“

Четирикратниот Тур де Франс шампион, Крис Фрум повторно мораше да се брани од обвинувања за допингување, откако шпекулациите дека неговиот случај е пратен пред Анти-допинг трибуналот на УЦИ ги опиша како „фејк њуз“ – лажни вести.

Францускиот весник „Ле монд“, во петокот објави дека случајот на Фрум за позитивните тестови на салбутамол ќе го решава анти-допинг трибуналот на интернационалната федерација, што значи дека неговиот случај се третира како допинг-прекршок.

32-годишниот Фрум, кој имаше позитивен тест на 18. етапа на Вуелта Еспања (трка на која подоцна победи), користи салбутамол поради астмата од која страда и тврди дека нема намера за мамење.

„Само лажни вести оваа вечер. Новинарите би направиле сѐ за неколку клика“, напиша Фрум на Твитер, пред неколку часа подоцна да ја избрише пораката.

УЦИ најави дека случајот треба да се разреши пред Тур де Франс во јули, а според „Ле монд“, случајот ќе го води познатиот анти-допинг легален експерт од Германија, Улрих Хас, кој ги разгледуваше случаите на Алесандро Петаки и Алберто Контадор (кој доби двегодишна суспензија). Фрум ќе мора да ги убеди дека позитивниот тест е „случајност“.

Фото: ЕПА

Scroll to Top