УФЦ шампионот во лесна категорија, Хабиб Нурмагомедов откри дека во мешаницата по победата над Конор Мекгрегор на УФЦ 229 во Лас Вегас за малку ќе настрадал холивудскиот актер Леонардо ди Каприо.
Нурмагомедов во октомври го победи убедливо Мекгрегор во четири рунди во октагонот, по што скокна преку оградата и ги нападна колегите на Ирецот, предводени од Дилон Денис. 30-годишниот Дагестанец вели дека во близина седел и Ди Каприо и дека за малку ќе добиел дел од ќотекот.
„Ди Каприо е голем фан на спортот и кога скокнав од октагонот, тој седеше на пет-шест метри од страна. Тој ми кажа: ’За малку јас ќе добиев’. Потоа поразговаравме и тој не покани на вечера, но одби да се фотографира, велејќи дека тоа е само за деца“, вели Нурмагомедов.
ММА ѕвездата доби деветмесечна суспензија и 500.000 долари казна за инцидентот, но вели дека не жали за постапката.
„Направив многу погрешни работи во животот за кои жалам, но времето не се враќа и работите не се менуваат. Да можев, ќе сменев многу работи, но не и тоа. Да беше истата ситуација 100 пати, 100 пати ќе го направев истото. На некои им се допаѓаше, на некои не, но не е важно. Го направив тоа што го сакав“, објаснува Нурмагомедов.