Рони О’Саливен имаше само пофални зборови за својот голем ривал Џон Хигинс, откако беше „уништен“ со 5:0 во четврт-финалето на Шкотска опен во Глазгов.
О’Саливен не згреши многу, но поголемиот дел од мечот го помина на столчето, по брејковите на Хигинс од 55, 109, 117, 105 и 72 во речиси совршен меч во „Емирати арената“ во Глазгов. О’Саливен призна дека му олеснало што испаднал од турнирот бидејќи заморот го направил своето по победата на УК шампионатот минатиот викенд, но исто така имаше и добри зборови за Шкотланѓанецот.
„Џон е вистинска класа и е неверојатен. Има чувство, моќ, класа… Има сè. Ако градите совршен снукер играч, ќе го изградите Џон. Целосно ја заслужи победата“, изјави О’Саливен, кој претходно четири пати оваа сезона го имаше победувано Хигинс.
Светскиот број 2, О’Саливен победи на Англија опен, Мастерсот во Шангај и УК шампионатот во најуспешните неколку месеци во блескавата кариера.
„Фала Богу, тоа заврши. Ми олесна, бидејќи ми беше мака да го облекувам костумот секој ден. Сега ми е потребен одмор. Тука е Мастерсот за месец дена. Не планирав да играм толку последните седум-осум недели“, додава О’Саливен.