Top Sport

О’Саливен: Играм снукер како што Марадона играше фудбал

Рони О’Саливен открива дека ја „основал“ својата снукер игра на стилот на Диего Марадона, односно начинот на кој Аргентинецот забавувал милиони луѓе.

Петкратниот светски шампион пред обидот да стигне до шеста круна во Шефилд, во изјава за „Евроспорт“ вели дека уживал како Марадона ја предводеше Аргентина до Светското првенство во 1986 година, кога Рони имал само 11 години, иако Аргентина во полуфиналето ја елиминираше Англија.

„Би кажал дека Марадона е мојот идол на сите времиња. Аиртон Сена би бил тука некаде исто така. Искрено, не го сакам многу фудбалот но сакав како Марадона играше. Тој беше гениј. Беше навистина неверојатно да го гледаш“, вели О’Саливен.

„Ракетата“ исто открива дека има и активни спортисти на кои им се восхитува – Лионел Меси во фудбалот, Роџер Федерер во тенисот и Тајгер Вудс во голфот.

„Мислам дека не можеш да не го сакаш Лео Меси. И Федерер ми се допаѓа бидејќи има неверојатен талент и уште игра на неверојатно високо ниво. Исто и Вудс, гледајте што се случува во последно време. Тоа се спортисти кои постојано се на високо ниво, и тоа е за почит“, додава О’Саливен.

Околу тоа која му е омилен спортистка, О’Саливен нема двоумење – Етиопјанката Тирунеш Дибаба, носителка на светскиот рекорд на 5.000 метри и трикратна олимписка шампионка.

„Пред неколку години се запознав со неа, а бидејќи сакам да трчам, таа ме покани да тренирам со неа. Мислеше дека сум несериозен, но кога ги виде времињата ме покани во Етиопија. Кога ќе ја завршам кариерата сигурно ќе одам во Кенија и Етиопија на тренинг со тие неверојатни тркачи“, додава О’Саливен.

Scroll to Top