Top Sport

О’Саливен ја избегна судбината на Селби (видео)

Петкратниот шампион Рони О’Саливен лесно влезе во третото коло на УК шампионатот, откако со 6:1 го декласираше светскиот број 73., Мајкл Георгиу.

О’Саливен имаше брејкови од 69 и 57 за да отвори 4:0 водство, а Британецот со кипарско потекло Георгиу освои само еден поен во првите три фрејма. Тој се врати со 60 во следниот фрејм, но О’Саливен лесно ги освои следните два со брејкови од 68 и 82, за да остане на пат за израмнување на рекордот на Стив Дејвис од шест титули од УК шампионатот.

41-годишниот О’Саливен, кој пред мечот изјави дека нема да игра по својот 50. роденден, исто така се надева дека може да се израмни со 18-те „тројни круни“ на Стивен Хендри – тој има пет победи на Светскиот шампионат и седум на Мастерс турнир.

„Сакам да играм поради задоволството, а не титулите. Тоа ми е тешко понекогаш, но воопшто не се грижам за рекордите. Не сакам да бидам премногу емотивно вклучен“, вели О’Саливен, кој сега ќе игра или со Велшанецот Мајкл Вајт или со Англичанецот Метју Селт во вторник.

О’Саливен и Марк Селби, кој загуби во второто коло од Скот Доналдсон во саботата, доминираат во последните години – тие ги имаат освоено последните пет титули од УК шампионатот, СП и Мастерс.

Scroll to Top