Најдобрите македонски одбојкари вечерва (20.15 часот) ја продолжуваат авантурата во Златната Европска лига. По победата над Белгија, нов предизвик за избраниците на Јошко Миленкоски е селекцијата на Хрватска.
Капитенот Никола Ѓорѓиев најавува нова жестока битка и се надева на нов триумф, иако противникот е секако селекција за респект.
„Сакаме да продолжиме во ист стил. Хрватска е одлична селекција, но и ние покажавме дека поседуваме квалитет и ако одиграме според замислите на селекторот Миленкоски, ако се бориме пожртвувано за секоја топка и држиме ритам, можеме да се надеваме на позитивни нешта“, изјави Никола Ѓорѓиев.
Отсуството на Шестан и Седлачек е голем хендикеп за Хрватска, која петходно загуби од Белгија со 3:1, како и од Украина со 3:0 во сетови.
Женската одбојкарска репрезентација на Македонија ќе ја отвори двојната програма во СЦ „Борис Трајковски“ од 17.30 часот. Девојките ќе играат против најсилната селекција во групата, Естонија. Надежта е да се даде силен отпор и евентуално да се освои првиот сет на европска сцена.
Влезот во арената „Борис Трајковски“ е слободен и за двата натпревари на македонските одбојкарски селекции.