Одбојкарската репрезентација на Македонија вечерва ќе го одигра првиот натпревар на Европското првенство. Своето второ учество на континенталните шампионати, Македонија ќе го започне против еден од домаќините на ЕП, Финска. Дуелот во Тампере ќе започне во 18 часот.
„Не е подобра репрезентација од нас, но се ќе зависи од нашата верба, храброст и зрелост. Прво што мора е да веруваме во себе, да бидеме храбри и зрели и да издржиме на нивната игра. Јас знам како тие ќе играат, ќе ни ја даваат топката и ќе направат малку неизнудени грешки. Тука треба да бидеме луцидни и зрели и да бидеме храбри. Исто така, многу работи ќе зависат од одбраната, а тие играат многу добра одбрана, па ние ќе треба бидеме трпеливи и да ја градиме играта. Не мора секогаш да завршуваме од прва, ќе се играат долги поени. Трет фактор ќе биде нашиот сервис, а мислам дека во овој елемент имаме голем напредок во однос на Европската лига и тоа ќе го покажеме на овие натпревари, така што ќе си овозможиме полесни поени од нашиот блок, или, пак, блок-одбрана напад, а зошто да не и директни асови“, изјави пред мечот капитенот Никола Ѓорѓиев.
Покрај Македонија и Финска во оваа група се и селекциите на Холандија, Турција, Шпанија и Русија.
По дуелот со Финска, Македонија ќе игра против Холандија на 3.септември, па следуваат дуелите со Турција (5. септември), Шпанија (6. септември) и Русија (8. септември).
Фото/.facebook.com/volleyballmkd