Австриецот Давид Глајршер е изненадувачки олимписки шампион во санкање, откако актуелниот двократен шампион, Германецот Феликс Лох драматично ја загуби шансата за хет-трик.
Глајршер се искачи на првото место по смиреното четврто возење, но на германскиот фаворит Лох му беше потребно само просечно минување на патеката, и притисокот го „фати“ 28-годишниот Лох, кој рано во возењето се удри во ѕидот и на крајот заврши без медал.
Глајршер по четири возења имаше време од 3:10.702, победувајќи го Американецот Крис Маздер и Германецот Јоханес Лудвиг, додека Лох заврши на петтото место.
Австриецот се натпреваруваше на својата прва Олимпијада и немаше топ 10 пласман во своите четири сезони од Светскиот куп. Ова е прв медал на Австрија во Пјонгчанг и прво злато во санкање по 50 години пауза!
Тинејџерката Перин Лафон го освои првото злато за Франција во Пјонгчанг, откако ја совлада актуелната шампионка, Канаѓанката Жастин Дуфур-Лапонт во фристајл скијање, дисциплина могулс. Казахстанката Јулија Галишева го освои бронзениот медал.