Четирикратната гренд слем шампионка Наоми Осака се повлече од Вимблдон поради повреда на ахиловата петица, иако британските медиуми тврдат дека главната причина е тоа што гренд слемот на трева нема да носи ВТА поени по одлуката да ги исфрлат од турнирот руските и белоруските тенисери.
24-годишната Јапонка, која нема играно од Ролан Гарос, претходно изјави дека не е сигурна дали сака да игра на Вимблдон, бидејќи на одреден начин турнирот наликува на „егзибициски“ без поени за освојување. Осака, која победи на САД опен во 2018 и 2020 и на Австралија опен во 2019 и 2021 година, падна на 43. место на ВТА листата по неколкуте паузи од спортот минатата година со образложение дека тоа и е потребно за да го зачува менталното здравје.
Додека Осака официјално се повлече поради повреда, поранешната финалистка, Канаѓанката Јужини Бушар јасно изјави дека нема да игра на Вимблдон поради тоа што турнирот нема да се бодува. Бушар имаше операција на рамото и падна на 253. место на ВТА листата но можеше да игра на Вимблдон со таканаречениот „заштитен“ рејтинг.
„Колку и да го сакам Вимблдон, да искористам заштитен рејтинг на турнир кој не се бодува едноставно нема смисла. Морам да изберам мудро за да се вратам повисоко на рејтинг-листите“, призна 28-годишната Бушар, која во 2014 година загуби во Лондон од Петра Квитова.