Аматерските тенисери ќе имаат можност да освојат награда од еден милион австралиски долари (околу 565.000 евра) на натпреварот „Million Dollar One Point Slam“ пред јануарското Отворено првенство на Австралија.
На овој уникатен турнир во Мелбурн Парк, 10 аматери ќе се соочат со 22 професионалци во нокаут систем, вклучувајќи го и светскиот рекет број еден, Карлос Алкараз.
Натпреварите ќе се играат по принципот на еден поен – играчите ќе одлучат кој сервира со играта „камен, хартија, ножици“, а победникот на поенот продолжува понатаму.
Турнирот започнува на 12 јануари, а финалето ќе се одржи на 14 јануари во арената „Род Лејвер“.
Учеството е отворено за сите аматери и регистрирани играчи на Тенис Австралија, кои прво ќе играат квалификации и локални турнири низ целата земја.
Ова натпреварување доаѓа како продолжение на успехот од минатогодишното издание, кое имаше помал награден фонд и помалку познати играчи.
Организаторите најавуваат дека наскоро ќе се приклучат повеќе големи имиња и познати личности.