Доминик Парис го победи Криштоф Инерхофер за италијански 1-2 триумф на петочниот спуст на славната патека Стелвио во Бормио, трка која ја одбележи тешкиот пад на Словенецот Клемен Коси кој заврши во болница.
Коси ја загуби контролата на долниот дел од патеката и излета низ двата слоја мрежи. Од Словенечката скијачка федерација објавија дека тој е свесен и одговара на прашања, ги движи рацете и нозете, но има силни болки во вратот и гребнатинки на лицето.
Klemen #Kosi vola fuori di pista a #Bormio. Lo sloveno è subito stato portato in ospedale pic.twitter.com/GLOyBjalD2
— Giona Maffei (@GionaMaffei) December 28, 2018
Парис заостануваше зад Инерхофер на горниот дел на замрзнатата патека, но на крајот беше за 0.36 секунди пред сонародникот. Шампионот од СК во спуст, Швајцарецот Беат Фојц беше трет со 0.52 секунди послабо време. Парис, кој победи во Бормио во 2012 и 2017 година го израмни рекордот на Австријците Херман Маер и Михаел Валхофер со својата трета победа. Ова е 10. триумф во кариерата на СК.
„Во вториот дел го дадов максимумот, ја искористив својата сила и имав речиси совршена трка. Таквите победи се најубави“, вели Парис.
Четвртото место го освои Американецот Брис Бенет (второ четврто место по тоа во Вал Гардена), а изненадување направи Французинот Матју Баиле со шестото место иако беше 47. на стартот. Фојц е лидер во генерален пласман со 38 поени предност пред Австриецот Макс Франц, кој беше само 12. Утре на програмата во Бормио е супер-џи трката.
Фото: ЕПА