Жерард Пике, покрај своите обврски како дефанзивец на еден од најдобрите клубови на светот, Барселона, е во мисија да го „спаси“ најстарото тениско натпреварување, Дејвис купот, откако неговиот предлог за „реформа“ беше усвоен.
Сега, тој верува дека Рафаел Надал ќе игра во обновеното натпреварување, кое ќе се игра една недела во Мадрид во ноември 2019 година во формат на Светско првенство во фудбал, и дека е доволно да игра светскиот број 1, иако „вратата е отворена“ и за Роџер Федерер.
Пике преку својата компанија „Космос“ во соработка со Интернационалната тениска федерација (ИТФ) ги надгледува промените во 118 години старото натпреварување, а терминот во ноември е проблематичен бидејќи тоа е веќе крај на сезоната и доаѓа по 10 месеци напорен распоред.
„Зборував со сите тенисери. Со Рафа Надал е многу позитивно и ако не е повреден, тој ќе биде таму. Рафа е позитивен за натпреварувањето, посебно бидејќи се одржува во Мадрид. Ако игра светскиот број 1, тоа е повеќе од доволно. Новак Ѓоковиќ, пак, ако мора да бира ќе игра на АТП турнирот, а не во Дејвис купот, но мислам дека ќе се договориме. Федерер во овој дел од кариерата прави приоритети на кои турнири ќе настапува, а иако со него не разговарав, тука беа неговите луѓе кои не отфрлија ништо“, вели Пике.
Според новиот формат на Дејвис купот, во завршната недела ќе учествуваат 18 тима – четири полуфиналисти од 2018, два тима со вајлд-карта (Велика Британија и Аргентина за 2019) и 12 нации кои ќе ги добијат квалификациските дуело во февруари.