Top Sport

Пинтуро ја освои титулата во алпска комбинација (видео)

Алексис Пинтуро доминираше во последната трка во алпска комбинација оваа сезона во австрискиот Хинтерштодер, за по четврти пат да го освои малиот кристален глобус во оваа дисциплина.

Французинот беше втор во скратената супер-џи утринска трка , за потоа при тешки услови да стигне до првото место и покрај тоа што една врата му се заглави меѓу скиите. Тој на крајот беше побрз за 0.99 секунди пред Швајцарецот Мауро Кавиецел, кој беше лидер по супер-џи трката, а трет беше Александер Омод Килде пред норвешкиот сонародник Кјетил Јансруд.

Пинтуро победи во две од трите трки во комбинација оваа сезона и завршува со 280 поени, пред Килде со 172 поени. Ова е 28. победа во кариерата на Французинот и деветта во комбинација, со што е на само една од рекордот на Марк Џирардели, Фил Мер и Пирмин Цурбриген.

Пинтуро исто така е еден од тројцата кандидати за титулата во генерален пласман. Тој е на само 34 поени пред лидерот Килде, додека Хенрик Кристоферсен по 11. место заостанува 101 поен. Во Австрија ќе има скијање и во понеделник, кога се вози велеслалом.

Scroll to Top