Французинот Алексис Пинтуро ја додаде титулата од Светскиот куп во алпска комбинација на светската титула која ја освои минатата недела, откако во Банско, Бугарија беше на првото место во петокот.
27-годишниот Французин победи со 0.68 секунди предност пред седумкратниот шампион Австриецот Марсел Хиршер, кој имаше редок настап во оваа дисциплина, додека подиумот го комплетираше Словенецот Штефан Хадалин со повеќе од една секунда заостанување.
Главниот ривал на Пинтуро, Австриецот Марко Шварц се повреди во супер-џи делот од трката и не настапи на слаломот.
„Среќен сум, но и малку разочаран бидејќи Марко се повреди. Сакав да имаме вистинска битка“, вели Пинтуро, кој исто така освои сребро во комбинација на Олимпијадата во 2018 година.
Ова е петта титула од Светскиот куп во комбинација за Пинтуро, со што тој го израмни рекордот на Норвежанецот Кјетил Андре Омод.
Фото: ЕПА