Јужноафриканскиот параолимпиец Оскар Писториус е повреден во тепачка во затвор, две недели откако неговата казна за убиство на девојката Рива Стенкамп му беше удвоена.
Поранешниот атлетичар, кој отслужува казна од 13 години и 5 месеци, влегол во расправија околу користењето на телефон, по што добил модринки, но не и сериозни повреди.
„Тој бил вклучен во расправија со друг затвореник околу користењето на телефонот во одделот за специјална нега“, изјави портпаролот на затворот во Атриџевил, Сингабако Нксумало.
Тепачката се случила на 6 декември, 10 дена откако јужноафриканските обвинители успеаја да ја зголемат неговата казна од 6 години.
Писториус ја застрела девојката Стенкамп на 14 февруари 2013 година преку вратата во нивниот тоалет, и тврдеше дека мислел дека се работи за провалник. Тој прво беше осуден за убиство од небрежност, пред Врховниот суд на Јужна Африка да ја отфрли таа пресуда во 2015 година. Шесткратниот параолимписки шампион на Олимпијадата во Лондон во 2012 стана првиот атлетичар со ампутирани нозе кој настапил на Олимписки игри. Неговите нозе се ампутирани кога бил бебе.