Хафтор Бјорнсон, познат како Тор, или уште попознат како „Планината“ од „Игра на тронови“ следната година ќе дебитира во боксерскиот ринг против Еди Хол, откако двајцата поранешни најсилни луѓе на планетата се согласија на пресметка за решавање на несогласувањата.
Бјорнсон минатиот викенд го сруши рекордот на Хол кревајќи 501 килограм и откако го предизвика Британецот, двајцата експресно се договорија за боксерски меч во Лас Вегас во септември 2021 година.
Иако многумина се сомневаат дека „силните момци“ ќе бидат многу атрактивни во рингот, видео од 2014 година го покажува Тор како упатува фуриозни удари. Иако му недостасува техника и е доста спор, нема сомнеж дека неговиот дофат и чистата моќ ќе го направи Исланѓанецот опасен предизвик.
И Хол има мало боксерско искуство, откако порано учествуваше во боксерски меч за добротворни цели, и беше поразен од Ник Вигинс. И нему му недостасува техника, но силата е огромна.
Ривалството помеѓу Бјорнсон и Хол трае од 2017 година, кога Бјорнсон го обвини Хол дека мамел на натпреварувањето за Најсилен човек на светот.
„Најтешкиот меч“ во историјата – „Планината“ против „Ѕверот“ во септември 2021!