Втората светска тенисерка во моментов, Каролина Плишкова од Чешка ја раскина соработката со нејзиниот тренер, легендарната Кончита Мартинез која започна соработка минатата година.
„Одлучив повеќе да не работам со Кончита. Тоа беше тешка одлука по вака добра сезона“ – напиша 27-годишната тенисерка на социјалните мрежи.
На Твитер се огласи и Мартинез (47) која во 1994 година го освои престижниот Вимблдон.
„Оваа година беше неверојатна, полна со супер моменти и чувства. На Каја и на нејзината екипа и посакувам се најдобро во иднина“ – напиша Мартинез.
Плишкова и Мартинез својата соработка ја започнаа на УС-Опен во 2018 година.
Под водство на екс-шпанската тенисерка, Плишкова освои четири турнири годинава, а стигна и до полуфиналето на Австралија Опен.
Засега не е познато кој ќе биде новиот тренер на чешката тенисерка.