Top Sport

По бојкотот, Осака се повлече од Ролан Гарос поради „депресија и анксиозност“

Светската тенисерка број 2, Наоми Осака се повлече од Ролан Гарос откако пред стартот на турнирот најави бојкот на медиумите предизвикувајќи големи контроверзи, објаснувајќи во писмо дека страда од „депресија и анксиозност“.

23-годишната Јапонка, која победи на Австралија опен на почетокот на годината, а лани беше шампионка на САД опен, не отиде на прес-конференцијата по победата во првото коло со објаснување дека ќе ги бојкотира медиумите поради менталното здравје, по што доби казна од организаторите и закана за исфрлање од турнирот.

„Ова не е ситуацијата која ја замислував или која беше мојата намера по објавата од пред неколку дена. Мислам дека сега е најдобро за турнирот, другите тенисери и мојата добросостојба да се повлечам за сите да се фокусираат на тенисот. Не сакав да бидам пречка и прифаќам дека мојот тајминг не беше идеален и пораката можеше да биде појасна. Никогаш не би го користела терминот ментално здравје како нешто тривијално. Вистината е дека страдав од депресија по САД опен во 2018 и тешко се справував со неа. Сите кои ме познаваат и ме имаат видено со слушалки на ушите, треба да знаат дека тоа е да ми помогне во анксиозноста. Иако тениските новинари секогаш биле пристојни и добри со мене (и сакам да им се извинам на сите кул новинари кои ги навредив), не сум некоја која лесно зборува во јавноста. Се извинив на турнирот и објаснив дека ќе зборувам повторно по турнирот. Сега ќе паузирам од терените, а кога ќе дојде времето ќе работам со организаторите за тоа како можат работите да бидат подобри за тенисерите, новинарите и фановите“, вели Осака.

Scroll to Top