Американската скијачка мега-ѕвезда, Микаела Шифрин порача дека нема да разговара со претставниците на медиумите во блиска иднина по катастрофалните први две трки на Олимпијадата, во кои испадна поради нејзина грешка.
26-годишната Шифрин беше фаворитка за злато во слаломот и велеслаломот, откако веќе имаше две олимписки злата, едно од Сочи 2014 (слалом) и едно од Пјонгчанг 2018 (велеслалом). Но по падот во првото возење на велеслаломот во понеделникот, во средата таа не помина пет врати во слаломот, по што нејзиното разочарување беше очигледно, и таа почна да плаче во интервјуто за „Ен-Би-Си“.
„Микаела и нејзината мајка и тренерката Ајлин нема да даваат интервјуа во блиска иднина. Ви благодариме за разбирањето и почитувањето на приватноста“, напиша портпаролот на Шифрин до „Ројтерс“.
Момчето на Шифрин, норвешкиот скијач Александер Омод Килде ја поддржа Американката, велејќи дека спортистите се „обични луѓе“ кои можат да имаат притисок од очекувањата.
„Кога ја коментираа фотографијата на која седи покрај патеката, велат дека не може да го изддржи притисокот и тоа ме фрустрира. Тоа е дел од спортот и се случува. Притисокот на индивидуалните спортисти е огромен“, изјави Килде.