Шпанската тениска ѕвезда Карлос Алкараз ќе го пропушти АТП Мастерсот во Торонто, кој започнува во недела. Петкратниот освојувач на Гренд слем турнири го објави ова преку социјалните мрежи.
Претходно, настапот во Торонто го откажаа првиот тенисер во светот Јаник Синер, петтиот Џек Дрејпер и рекордерот Новак Ѓоковиќ, инаку шести на АТП листата.
„По многу недели континуирано натпреварување без пауза, не можам да играм во Торонто оваа година. Имам мали мускулни проблеми и треба да се опоравам физички и психички за она што следи во сезоната. Многу ми е жал за турнирот и за моите фанови во Канада. Се гледаме следната година“, објави Алкараз преку социјалните мрежи.
Третиот тенисер во светот, Германецот Александар Зверев, кој сега е прв носител, се чини дека има отворен пат до победа. По раната елиминација од Вимблдон, Зверев откри дека имал ментални проблеми и објави дека нешто во него мора да се промени.
Турнирот во Торонто ќе се одржи од 27 јули до 7 август.