Top Sport

Почнуваат пријавите за јубилејното 10. издание на „Охрид трчаТ“

На 12 ноември 2025 година официјално започнуваат пријавите за јубилејното десетто издание на еден од најголемите спортско-рекреативни настани во Македонија – „Охрид трчаТ“, кое ќе се одржи викендот 5-7 јуни, 2026 година.

„Охрид трчаТ“ слави 10 години постоење, инспирација, пријателства и незаборавни моменти што го претворија настанот во вистински симбол на заедништво, енергија и љубов кон трчањето и градот Охрид.

„Во изминатата деценија, низ улиците на нашиот град поминаа илјадници тркачи од земјата и од светот. Заедно создадовме движење кое ги поврзува луѓето, ги руши границите и ја промовира Македонија како спортска дестинација“, велат организаторите на настанот.

Додаваат дека овој јубилеј е празник на сите, тимот на Охрид трчаТ, тркачи, волонтери, партнери, институции, и над сè, граѓаните на Охрид, кои секоја година заедно со сите нас ја раскажуваат една од најубавите спортски приказни во Македонија.

„Пријавувањето за јубилејното издание на Охрид трчаТ 2026 се врши онлајн преку нашиот систем за регистрација, достапен на официјалната веб-страница www.ohridtrchat.com ,брзо, едноставно и достапно за сите“, се додава.

Со отворањето на пријавите, ги повикуваат сите граѓани, тркачи, спортисти, компании и пријатели на трчањето да се регистрираат и да бидат дел од ова големо јубилејно издание.

Scroll to Top