Поранешната светска и олимписка шампионка на 100 метри со пречки, Австралијката Сели Пирсон објави дека се повлекува од спортот откажувајќи се од сонот да настапи на Олимпијадата во Токи во 2020 година.
Пирсон, која освои злато на 100 метри со пречки на ОИ во Лондон во 2012 и беше светска шампионка во 2011 и 2017, имаше низа на повреди последните неколку години и сега призна дека е „поразена“.
„Секогаш бев горда на тоа што на стартот на секоја трка бев подготвена на победа. Веќе не верувам дека сум способна за тоа. Затоа морам да објавам дека е време за пензионирање и да се фокусирам на следната страница на мојот живот“, објави Пирсон.
Пирсон, која трчаше и на 100 метри, првиот голем успех го имаше на ОИ во 2008 година кога освои сребро, а во Даегу во 2011 стана светска шампионка. Таа доминираше на 100 метри со пречки пред Олимпијадата во Лондон и стигна до лесна победа.
На митингот од Дијамантската лига во Рим во 2015 година таа доби страшна повреда на зглобот и се стравуваше дека дланката мора да и биде ампутирана. По кам-бекот, таа имаше повреди на петицата и на бутниот мускул и не ја бранеше олимписката титула во Рио во 2016 поради скинат мускул. Сепак, таа се врати на СП во Лондон во 2017, враќајќи ја светската титула, пред повредите повторно да се вратат.