Top Sport

Прв шок на Ролан Гарос – Андухар го исфрли Тим во драма од пет сета!

Двократниот финалист од Ролан Гарос, Доминик Тим е првата голема „жртва“ на овогодишното издание на Францускиот опен, откако пропушти водство од 2:0 во сетови за да загуби со 4:6/5:7/6:3/6:4/6:4 од 35-годишниот Шпанец Пабло Андухар, инаку 68. на АТП листата.

Андухар, кој пред две недели го совлада Роџер Федерер на Женева опен, првпат во својата кариера успеа да се врати од два сета негатива и сега го чека подобриот од мечот помеѓу Молдавецот Раду Албот и Аргентинецот Федерико Делбонис.

Светскиот рекет број 4, Тим, кој е актуелен шампион од САД опен и поразен финалист од Ролан Гарос во 2018 и 2019 (од Рафаел Надал), сега има само 9-8 скор во 2021 година. Тој почна фантастично и со вкупно три брејка дојде до 2:0 водство во сетови, пред упорниот Андухар да се врати во третиот сет и потоа да го искористи падот во играта на Австриецот.

„Верував до крај и искрено не очекував вакво враќање. Имам 35 години и не знам уште колку ќе останам во тенисот. Ветерот ги направи условите тешки за игра, но од друга страна мене ми одговараше“, вели Андухар.

Scroll to Top