Норвежанецот Кјетил Јансруд е победник на првата супер-џи трка од новата сезона, откако актуелниот олимписки шампион постави време од 1:30.76 на патеката во Лејк Луис, Канада, оставајќи зад себе двајца Австријци – Макс Франц (0.28) и Ханес Рајхелт (0.32).
„Шефот“ во супер-џи покажа дека е подготвен да доминира уште една сезона. Светски вице-шампион, олимписки шампион од Сочи 2014 и двократен носител на малиот кристален глобус (2015 и 2017), 32-годишниот Јансруд по петтото место во саботниот спуст, стигна до својата трета победа во Лејк Луис и 20. во кариерата.
Со стартен број 7, Јансруд предноста ја направи во првиот дел од патеката, а потоа малку помогна влошувањето на временскиот услови – силен снег и намалена видливост. Ова е 10. победа во кариерата во супер-џи за Јансруд и пред него се само Херман Маер (24), Аксел Лунд Свиндал (15) и Пирмин Цурбриген (10).