Поранешната светска тенисерка број 2, Полјачката Агњешка Радвањска преку Инстаграм потврди дека со сопругот Давид Селт го очекуваат своето прво дете. Финалистката од Вимблдон 2012 се повлече од тенисот по сезоната 2018 година.
„Време е за нова страница во животот“, напиша Радвањска со фотографија на бебешки кондурчиња.
Радвањска и Селт, кој беше нејзин тренинг партнер во текот на кариерата, се во брак од 2017 година. Полјачката е последна во низата на пензионираните тенисерки кои објавија дека очекуваат принова – поранешната финалистка од Ролан Гарос, Луцие Шафарова во декември се породи со ќеркичката Леа, додека поранешната светска тенисерка број 4, Доминика Цибулкова минатиот месец објави дека е бремена.