Шпанскиот тениски тренер Тони Надал демантираше дека неговиот внук, Рафаел Надал се повлекува од тенисот по Ролан Гарос, пренесуваат шпанските медиуми.
Шпанскиот новинар Анџело Гарсија во средата изјави дека Рафаел Надал ќе ја заврши кариерата поради хронична повреда на стапалото по Отвореното првенство на Франција.
„Постои желба да се урне Рафа. Но, како што видовме во фудбалот, Реал беше над амбисот против Пари Сен Жермен и Манчестер Сити, па победи. Борците се секогаш тука кога е потребно, а Рафа е борец. вистински борец. Луѓето сакаат нови млади тенисери, но Рафа им вели на сите да не го отпишуваат, бидејќи се уште не е готов. Сум видел луѓе кои велат дека тој повеќе не може да го освои Ролан Гарос, но јас велам да. Дури и кога е минимално подготвен, тој е тенисер кој може да игра со секого на Ролан Гарос“, изјави Тони Надал за шпанскиот спортски весник „Марка“.
На постариот Надал не му се допаѓа вревата околу новата надеж на шпанскиот тенис, Карлос Алкараз, особено по неодамна освоениот Мастерс во Мадрид. Причината е што многумина почнаа да го гледаат тинејџерот како природен наследник на неговиот внук.
„Мислам дека луѓето брзаат во неговиот случај. Алкараз е одличен играч и ќе биде најдобар во светот. Тој е навистина многу добар, но видов дека дел од печатот смета дека Рафа е готов и дека е време да се сменат генерации. Ми се чини дека споредбата на Алкараз и Надал е непромислена. Тоа ќе биде можно за десет години, доколку Карлос ги повтори успесите на Рафа“.
Многумина се заклучуваат дека актуелниот Ролан Гарос е последен во кариерата на Рафа Надал, човекот кој 13 пати го освои Отвореното првенство на Франција.
„Сакам да верувам дека тоа не е така. Не сакам збогување, не можам да замислам мојот братучед да се збогува со тенисот. Знам дека во петок ќе наполни 36 години и дека многумина на тие години заминаа во пензија. Рафа ќе игра се додека може да стои на теренот“, додаде Тони Надал.
Рафаел Надал утре ќе игра во полуфиналето на Ролан Гарос против Александар Зверев.