Шампионот од Австралија опен од 2009 година, Рафаел Надал вели дека уште има големи проблеми со повредата на грбот, но дека не сака изговори и дека ќе игра на првиот гренд слем од сезоната, кој за него стартува во вторник против Србинот Ласло Ѓере.
Надал почувствувал болки во грбот во текот на карантинот, и иако го победи Доминик Тим на 29 јануари, не играше за Шпанија во АТП купот, останувајќи на тренинг-терените. Тој вели дека не размислува за повлекување и дека ќе се обиде да го освои својот 21. гренд слем трофеј.
„Последните 15 дена, навистина страдам со мојот грб. Правам се што е можно да бидам подготвен за Австралија опен, во понеделник имам уште еден ден пауза и не размислувам за повлекување. Мускулите се толку цврсти што не можам да имам целосна слобода на движењето. Физиотерапевтот е со мене, лекарите се тука и сите ми помагаат и се надевам дека ќе бидам подготвен за борба. Не сакам да барам изговори и кога ќе се случи нешто мораш да го надминеш тоа“, вели Надал.