Славниот шпански тенисер Рафаел Надал ја доби титулата почесен доктор од Универзитетот во Саламанка, еден од најстарите и најпочитуваните универзитети во Шпанија и Европа.
По овој повод, Надал влезе во историјата на оваа институција како прв спортист на кого му е доделена титулата „доктор хонорис кауса“, што уште еднаш го потврди неговиот придонес во спортот и општеството.
По церемонијата, Надал се огласи на социјалните мрежи и ги сподели своите впечатоци:
„Огромна чест, длабока благодарност и искрена радост. Да бидам првиот спортист кој е крунисан со ова признание од универзитет со толку големо значење за историјата, културата и образованието на нашата земја е нешто посебно за мене. Му се заблагодарувам на Универзитетот во Саламанка и на сите луѓе во овој прекрасен град за нивната топлина и поддршка. Секогаш ќе го паметам овој момент и ќе го носам со себе како потсетник да останам доследен на вредностите што ми ги даде спортот. Ви благодарам од дното на моето срце“, рече Надал.