„Не знам зошто луѓето не го сакаат како Роџер Федерер и Рафаел Надал“, изјави Дијана Ѓоковиќ, мајката на Новак во интервју за магазинот „Џи Кју“ пред некое време, во последна изјава во која родителите на светскиот рекет број 1 ја продолжуваат јавната битка со Роџер Федерер, која повеќе штети за имиџот на Србинот.
„Искрено, не знам, бидејќи тој е добар, работи напорно, но луѓето не го сакаат како Федерер и Надал. Можеби бидејќи ги победува постојано и не можат да го трпат толку“, додаде Дијана.
Неодамна, за српските медиуми таа зборуваше за драматичната победа на Новак на Вимблдон над Федерер.
„Тоа беше најтешкиот меч. На терен каде што сите му аплаудираа на Федерер, многу малку навиваа за Новак. Тоа ме нервираше, бидејќи Федерер е малку арогантен. Не можам да најдам објаснување и тоа ме нервира“, изјави Дијана.
Ова не е издвоен случај во изјавите на родителите на 17-кратниот гренд слем шампион. Оваа година на Австралија опен, неговиот татко Срѓан призна дека му пречи што фановите не навиваат за неговиот син.
„Седумкратниот шампион играше на централниот терен против Австриец (Доминик Тим) и тие навиваат за Австриецот. Тоа е непочитување. Секогаш мислев дека тенисот е спорт за богатите луѓе и знам дека ги нервира што Србин е број 1“, изјави Срѓан.
Тој директно го обвини Федерер дека не е „добра личност“.
„Можеби Федерер уште е најдобриот тенисер во историјата, но како личност, целосно е спротивен. Го нападна Новак на Дејвис купот во Женева бидејќи знаеше дека е негов наследник и сакаше да го дискредитира. Федерер беше љубоморен на Новак од моментот кога тој се појави, бидејќи знае дека ќе го победи“, додаде Срѓан.
Засега, ниту Роџер, ниту Новак не ги коментирале овие изјави, посебно бидејќи се работи за двајца врвни спортисти кои сигурно се респектираат и кои дури играа заедно на Лејвер купот. Ако нема љубов меѓу двајца, сигурно има професионално однесување, но ваквите коментари сигурно повеќе му наштетуват на Ѓоковиќ отколку на Федерер.