Во интервју со спортскиот весник „Ла газета дело спорт“, шампионот од Ролан Гарос од 1976 година и ексшампион од Дејвис купот, Адријано Паната го спореди тенисот од минатото со тој од денешницата.
Италијанецот вели дека новите тенисери не нудат многу убава игра за гледање, освен 20-кратниот гренд слем шампион, Роџер Федерер.
„Имам мала носталгија кон тенисот од пред неколку декади, тој поп-ритам како песна од Битлси која ја пеевме јас, Илие Настасе, Орантес или Артур Еш. Потоа музиката еволуираше, па го имавме Мекинро како Ролинг Стоунс или Џими Хендрикс. Денеска, сите имаат идентична игра. Но, за среќа тука е најголемиот на сите времиња, Федерер, кој е мешавина на Битлси, Пинк Флојд, Ју-Ту, Џими Хендрикс, Дајр Стрејтс и Вагнер“, објаснува Паната.
Тој исто така го знае вистинскиот виновник за ситуацијата во модерниот тенис – неговиот пријател Бјорн Борг.
„Тој ми е пријател, но секогаш му кажувам дека победуваше премногу и дека го уништи тенисот. Почна да игра на поинаков начин, и сите го следеа неговиот пример“, додава Паната.