Top Sport

Роглич со победа стана прв фаворит за победа на Џирото

Словенецот Примож Роглич стана првиот фаворит за победа на Џиро Д’Италија, откако триумфираше на деветтата етапа во неделата, трка на хронометар од 34.8 километри во Сан Марино.

Италијанецот Валерио Конти (Тим УАЕ) остана со лидерската розева маичка откако заврши 3:34 зад Роглич (Лото Џамбо-Висма), но Словенецот ги уништи главните ривали за победа во генерален пласман со своето време од 51:52.

Двократниот шампион Винченцо Нибали (Бахреин-Мерида) најмалку беше „оштетен“ откако загуби 1:05 за четврто место зад Виктор Кампенертс и Бауке Молема. Британецот Сајмон Јејтс (Мичелтон-Скот) загуби 3:11 од Роглич, додека Шпанецот Мигуел Анхел Лопез загуби дури 3:45.

Конти, кој сепак, не е меѓу фаворитите за победата, има 1:50 предност пред Роглич, кој има 1:44 пред Нибали пред планинските етапи на Џирото. Утре велосипедистите го имаат својот прв ден на одмор на тринеделната трка.

Scroll to Top