Точно 50 години откако го освои својот втор Куп на мускетарите на Ролан Гарос, австралискиот тениски великан Кен Розвел ќе го додели трофејот од турнирот следниот месец и веќе има јасна слика кој ќе биде тој што ќе го добие.
„Доколку не се случи нешто непредвидено со Рафа, само ќе му го дадам трофејот и ќе си одам дома. Неговата репутација ги плаши сите“, вели осумкратниот гренд слем шампион Розвел за „Ројтерс“.
83-годишниот Розвел е импресиониран од сезоната на земја на Надал, во која освои осма титула од Италија опен во неделата и се врати на првото место на АТП листата. Надал ќе оди во Париз по својата 11-та титула и 17-ти гренд слем во кариерата, а Федерер ќе гледа на ТВ, бидејќи пак реши да ја прескокне сезоната на земја.
„Изгледа дека ужива во својот тенис. Имаше неколку физички проблеми, но се врати од тоа. Сега игра како во најдобрите денови. Тој ќе оди на победа“, вели Розвел.
Розвел, како и Надал и Федерер, играше одличен тенис и при крајот на кариерата, и останува најстариот гренд слем победник – тој го освои Австралија опен во 1972 на 37 години.
„Да, тој рекорд може да биде срушен. Роџер ќе биде во добра форма и ужива во Мелбурн, така што ќе оди на титула. Ќе ми биде малку жал за рекордот, но ако некој го сруши, тоа нека е Роџер Федерер“, додава Австралиецот.