Рускиот тенисер Андреј Рубљов, на „Твитер“, објави дека е позитивен на коронавирусот. Светскиот рекет број 5, денес требало да отпатува во Австралија, на АТП купот. Рубљов е вакциниран со две дози и како што објави имал само лесни симптоми.
„Во моментов сум во Барселона, за жал мојот тест на ковид-19 е позитивен. Во изолација сум и ги следам сите препораки на лекарите“, напишал Рубљов.
Андреј Рубљов е уште еден од учесниците на ревијалниот турнир во Абу Даби, кој по враќањето во Европа, доби позитивен тест. Претходно позитивни тестови добија Рафа Надал, неговиот тренер Карлос Моја, Дани Шаповалов, Ема Радукану, Белинда Бенчиќ и Онс Жабер.
АТП купот на програмата е од 1. до 9.јануари. Русија ќе го брани трофејот од минатата година.