Top Sport

Рубљов само го налути Ѓоковиќ

Новак Ѓоковиќ е на две победи од 24. гренд слем титула, откако се пласираше во полуфиналето на Вимблдон со 4:6/6:1/6:4/6:3 победа над рускиот ривал Андреј Рубљов, за да закаже интересен меч со младиот италијански тенисер, Јаник Синер.

Ова е фантастично 12. полуфинале на Вимблдон во кариерата на Србинот, кој се надева дека ќе успее да стигне и до својата осма титула, така поминувајќи го својот голем ривал, Роџер Федерер. Со титула во Лондон, тој исто ќе го израмни и рекордот на Австралијката Маргарет Корт, која е единствената во машка и женска конкуренција која има освоено 24 гренд слем титули во сингл.

По израмнетиот почеток на мечот, Рубљов направи брејк за 5:4 водство и за освојување на првиот сет, најавувајќи тесна битка со првиот фаворит. Меѓутоа, потоа во вториот Ѓоковиќ направи два брејка за брзо израмнување на мечот, за во третиот да го издржи последниот маратонски гем за да го добие со 6:4. И во четвртиот сет, Ѓоковиќ беше прв до брејк за да поведе со 3:2, и потоа да ја комплетира победата за нешто помалку од три часа игра со уште еден брејк во последниот гем.

Второто полуфинале ќе се одлучи утре. Во дуел на поранешните партнери за тренинг, светскиот број 1, Карлос Алкараз ќе се судри со уште еден млад тенисер, Данецот Холгер Руне, додека третиот носител, Русинот Данил Медведев ќе игра со најголемото изненадување на турнирот, Американецот Кристофер Јубанкс.

Scroll to Top