Top Sport

Руд поготвен за борба со својот идол и ментор, Рафа Надал

Пред четири години, Каспер Руд ги учеше своите тениски вештини како дебитант на Академијата на Рафаел Надал во Мајорка, а во недела, 23-годишниот Норвежанец ќе се обиде да го победи својот тениски идол и ментор, 21-кратниот гренд слем шампион на неговиот омилен терен, земјата на Ролан Гарос во Париз.

Руд никогаш немал прилика да се соочи со 36-годишниот Надал во конкурентен меч, но двајцата имаат играно многу тенис заедно на тренинг-терените.

„Игравме доста сетови, и во основа тој секогаш ме победуваше. Да, имаше некои тесни сетови, 7:6, 7:5, но секогаш во негова предност. Но, тоа беше така бидејќи игравме во неговата академија и сакав да бидам добар кон него“, се шегува Руд.

Надал има совршен скор во финалињата на Ролан Гарос – 13 победи во 13 настапи. Маријано Пуерта, Роџер Федерер, Робин Содерлинг, Новак Ѓоковиќ, Давид Ферер, Стен Вавринка и Доминик Тим се обидоа и не успеаја.

„Најверојатно сум ги гледал сите тие финалиња. Можам да ги набројам и противниците, бидејќи сите ги гледав на ТВ. Ќе биде неверојатно кога сум ги гледал тенисерите како Федерер, Ѓоковиќ и Тим. Кога ќе ја завршам кариерата ќе можам да се пофалам дека сум во тоа друштво. Секако, ќе одам на победа и ќе биде поубаво да се фалам дека сум го победил Рафа. Но, тој игра за својот 22. гренд слем трофеј, а јас за првиот“, признава Руд.

Надал, пак, вели дека Руд не е изненадување.

„Мислам дека во академијата му помогнавме малку и навистина е убаво да се види добар човек како го остварува својот сон. За мене, Каспер е еден од фаворитите за титула на било кој турнир на земја. Тоа не е некое изненадување“, изјави Надал.

Scroll to Top