Top Sport

Руиз смирен пред ри-мечот: Џошуа е тој кој има што да докажува

Светскиот шампион во тешка категорија, Мексиканецот Енди Руиз Јуниор очекува потежок ри-меч со Британецот Ентони Џошуа од шокантниот триумф во јуни, но инсистира дека притисокот е кај Џошуа во дуелот во Саудиска Арабија овој викенд.

Руиз беше креатор на едно од најголемите изненадувања во историјата на тешката категорија, кога му го нанесе првиот пораз на Џошуа со нокаут во седмата рунда во „Медисон сквер гарден“ во Њујорк.

„Сите чекаме да видиме до каде е тој, бидејќи притисокот е кај него. Јас влегувам опуштено, бидејќи го следам мојот сон кој веќе го остварив. Секако, сакам да бидам шампион долго време“, вели Руиз.

Тој го прати Џошуа четири пати на подот во јуни, но вели дека сега очекува противникот да биде повнимателен.

„Го очекувам тоа, дефанзива… Но, ако сака да се тепа, тогаш е подобро за мене. Јас сум таков фајтер. Да направам притисок, да го скршам. Посебно ментално. Еден удар и работите изгледаат поинаку. Сега ќе го покажам мојот талент“, вели Руиз, кој во кариерата има само еден пораз, на поени од Џозеф Паркер во 2016 година.

Scroll to Top