Top Sport

Рускиот „предавник“ Родченков се плаши од агентите на Путин

Григориј Родченков, човекот кој ги откри „тајните“ на руската допинг-програма на Зимската олимпијада во Сочи во 2014 година, бил предупреден од американските власти дека руски агенти можеби го бараат во САД и дека мора да има зголемено обезбедување.

Родченков е поранешен претседател на анти-допинг лабораторијата во Москва, и според своето признание, главниот човек во програмата за прикривање на позитивните допинг тестови од Сочи во 2014, за што над 40 спортисти добија доживотни суспензии.

Родченков пребега во САД пред две години и сега е во програмата за заштита на сведоци на ФБИ, но неговиот адвокат Џим Валден вели дека има „сериозни“ индиции дека некои луѓе го бараат.

„Ситуацијата е напната. Ако имаат можност, тие ќе го убијат“, изјави Валден.

Руските власти поднесоа кривична пријава против Родченков, обвинувајќи го за шверцување на недозволени средства и бараат екстрадиција во Русија. Самиот претседател на Русија, Владимир Путин на 14 декември се вмеша во дискусијата, алудирајќи дека Родченков е „дрогиран и манипулиран“ од американските агенции.

„Тоа не е позитивно за нас, секако. Тоа значи дека тој е под контрола на американските специјални служби. Што прават тие таму со него? Дали му даваат некои супстанции за да го кажува тоа што го кажува?“, изјави Путин.

Реакциите на другите Руси се дури и построги. Леонид Тјагачев, кој беше шеф на Рускиот олимписки комитет од 2001 до 2010 вели дека Родченков треба да биде убиен.

„Тој треба да биде стрелан за лажење, како што ќе направеше Сталин“, изјави тој минатата недела.

Никита Камаев, поранешниот извршен директор на Руската анти-допинг агенција, почина во февруари 2016 од срцев напад на 52 години, а неколку дена претходно од непознати причини почина и Вјачеслав Синев, поранешниот генерален директор на анти-допинг агенцијата.

„Да се каже дека тоа е случајност е многу тешко“, вели адвокатот Валден.

Путин: Американските агенции манипулираат со допингот

Scroll to Top