Поранешната топ 10 тенисерека, Елина Свитолина е во осминфиналето на Ролан Гарос, откако пак се врати од сет негатива за 2:6/6:2/7:5 победа над Русинката Ана Блинкова, додека втората носителка, Арина Сабаленка одби да оди на прес-конференција по 6:2/6:2 победата над Камила Рахимова бидејќи била загрижена за нејзината безбедност.
Откако на сингл турнирот не остана ниту една Французинка, Украинката Свитолина е „натурализирана“ за фановите како сопруга на францускиот тенисер Гаел Монфис, но тоа не ја поштеди од свирежи на крајот на мечот откако повторно не се ракуваше со руската ривалка.
Блинкова имаше одличен старт на мечот со агресивна игра, освојувајќи го првиот сет, но потоа 28-годишната Свитолина, која имаше подолга пауза од тенисот за да се породи со своето прво дете, да се врати импресивно во вториот сет, за потоа во израмнетиот трет сет со само еден брејк да стигне до победа. За неа, во следното коло повторно доаѓа руска ривалка – Дарја Касаткина, деветтата носитека која игра во одлична форма.
Белорусинката Сабаленка пак, одби да оди на прес-конференцијата, откако претходно оваа недела беше вклучена во незгодна расправија со украински новинар. Наместо прес-конференција, таа даде интервју на неколку новинари.
„По мојот меч зборував со медиумите како и вообичаено. Знам дека уште посакуваат прашања кои се политички, а немаат врска со тенисот. Повеќе месеци ги одговарав овие прашања и бев многу јасна. Во средата не се чувствував безбедно на прес-конференцијата и тоа е проблем. Затоа, денеска решив да избегнам таков момент“, изјави Сабаленка.